Пратениците во рамки на денешната 43. пленарна седница усвои неколку закони и изгласа одлуки за именување и разрешување на членови на институции.

За член на Регулаторната комисија за домување е именуван Никола Затуроски, а за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Венцо Здравески.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Славјанка забележа дека Затуроски претходно е избран за член на Советот за граѓански надзор. Потенцира дека пред неколку месеци истото лице било претставено како експерт од областа на безбедноста, а сега како експерт од областа на архитектурата и градежништвото. Нагласи дека Затуровски нема познавање од оваа област за кое е предложен.

На ова реплицираше Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека именуваното лице сам ги има повлечено документите за избор од Комисијата за Советот на граѓански надзор и не е во никаква процедура за избор во тоа тело.

За Здравески, дипломиран политиколог од Кичево кој беше избран за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пратеничката на Левица, Јована Мојсовска истакна дека е поранешен член на Комисијата за лустрација и осомничен во случајот „Моќник".

- Власта денес изгласа лице кое треба да ги штити граѓаните од дискриминација и да ги штити човековите права, додека токму за ова лице Европскиот суд констатирал дека ги прекршил човековите права, рече Мојсовска.

И според пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, Здравески не ги исполнува условите за да именуван член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

- Вецко Здравески е кандидат кој од сите лица кои беа дел од јавната расправа и интервјуата што ги спроведе собраниската Комисија за прашања на именувањата и изборите добил највисоки оценки. Трагично. Тој беше најслабиот кандидат на интервјуто. Најлошо се снајде со одговорите, рече Тренчевска.

Пратениците ги избраа и Ирфан Шаќири и Атанаско Тунески за членови на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад.

Во рамки на седницата беше усвоена и одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

Пратениците на натамошно второ читање проследија неколку законски решенија.

Собранието продолжи со работата по 42. пленарна седница, од чиј дневен ред беа повлечени Предлог-измените на Законот за заштита на децата, по скратена постапка од страна на пратениците од Коалицијата „Влен“.

По паузата, пратениците треба да продолжат со расправа по Предлог-измените на Законот за средно образование по скратена постапка.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2025 04:22