Во Македонија има само два водостопански инспектора, новиот закон за води се уште не е донесен, а актуелната правна рамка не ги содржи клучните елементи од Рамковната директива на ЕУ која е водечки документ за заштитата на реките во европските земји, беше речено пред почетокот на денешната трета меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа.
Според „Еко-Свест“, неопходна е силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реките. Државава треба да работи на промена на политиките, на засилување на инспекцискиот надзор и на воведување на европските начини на управување со реките и речните ресурси.
Од „Еко-Свест“ посочуваат дека освен загадувањето, голем проблем за реките се и малите хидроцентрали. Пораката, пак, на меѓународната организација The Nature Conservancy е дека реките мора да се заштитат, но исто толку е важно и заштитата да биде одржлива.
-Во моментов имаме само два водостопански инспектора, што е далеку од доволно. Ние активно работевме со Државниот инспекторат за животна средина минатите години и двапати организиравме обуки на инспекторите во делот на мерење на еколошки проток на реките за да ги поддржиме капацитетите на Инспекторатот за монтиоринг на работата на малите хидроцентрали кои се исто така голем проблем. Исто така, бевме дел од работната група за новиот закон за води уште пред четири години, законот е веќе подготвен, но се уште чекаме да дојде во собраниска процедура, изјави Ѓорѓи Митревски од „Еко-Свест“.
Како што истакна Митревски, заштитата на реките секаде во европските земји се одвива според принципите на Рамковната директива за води на ЕУ.
-Нашиот актуелен закон за води не ги транспонира клучните елементи од Директивата. Кога работевме на новиот закон, се потрудивме да има што посеопфатно транспонирање на делови од Директивата, како што е еколошкиот проток на реките, како и поголема партиципативност на граѓаните. Она за што ние се залагаме е силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реките, не би сакале да имаме поединечни инциденти кои многу често се повторуваат. Нашиот став е дека треба да се работи на промена на политиките, на засилување на инспекцискиот надзор и на воведување на европските начини на управување со реките и речните ресурси, потенцира Митревски.
Осврнувајќи се на тековните проекти, тој информира дека е во тек процесот за заштита на Демиркаписката клисура и долното течение на реката Вардар што би требало, како што рече, да се заокружи идната година.
-Пред две години поведовме иницијатива за прогласување на заштитено подрачје во Општина Демир Капија со цел заштита на долниот тек на Вардар, дел од Демиркаписката клисура и пет планински притоки. Иницијативата е во завршна фаза, овие две години интензивно комуницираме со Министерството за животна средина кое минатата година прогласувањето и изработката на студијата за заштита на Демир Капија ја стави во годишната Програма. Во интензивна комуникација сме и со Општината, Советот ја прифати иницијативата. Во моментов сме во завршна фаза на изработка на студијата за валоризација на вредностите на идното заштитено подрачје. Наесен во септември треба да е готова, Општината ќе ја поднесе до Министерството и продолжуваме со натамошниот стандарден процес, се надеваме дека идната година ќе може да стигеме до заштитено подрачје, нагласи Митревски.
Студијата за валоризација подразбира ангажирање тим експерти биолози за сите таксономски групи, ихтиофауна (риби), рипариска (крајбрежна) вегетација, цицачи, лилјаци, хидролошки и геоморфолошки истражувања,...
-Преку целосно експертски увид на теренот ќе се утврди вистинската состојбата и врз база на тоа ќе се изврши зонирање на идното заштитено подрачје. Зонирањето значи строга заштита онаму каде што има високи вредности (дозволено само научно истражување), зона на активно управување, одржливо управување, се според законската регулатива, објасни Митревски.
Според Игор Вејновиќ од The Nature Conservancy, реката Вардар е подложена на големо загадување, и индустриско и комунално, но делот кај Демиркаписката клисура е еден од позачуваните и идејата е прво тој сегмент да се заштити.
-Клисурата не е важна само за слатководниот биодиверзитет, туку и за птиците. Првиот чекор е да ја заштитиме, а потоа да се види каде во системот може да се направат интервенции за да се намали загадувањето, да се тргнат бариертие, малите брани кои веќе не се во употреба. Значи, првиот чекор е да се заштити она што е најзачувано во овој момент, рече Вејновиќ.
Тој очекува да продолжи трендот на соработка меѓу земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија.
-Нашата цел е не само да обезбедиме заштита на реките, туку и заштитата да биде одржлива - финсниски и од аспект на човечки потенцијал, не само на хартија, туку да биде вистиснка заштита, одржлива на подолг временски период, подвлече Вејновиќ.
На денешната трета меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа што се одржува во Скопје учествуиваат преку 80 учесници од регионот и светот, експерти, претставници од институциите и граѓанското општество.
Првите две конференции се одржаа во 2019 година во Подгорица и во 2022 година во Задар.