Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја „има главна улога во новиот светски поредок“, коментирајќи ги случувањата во глобалната политика во последните недели на состанокот на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот, објави весникот „Јени Шафак“.
„Сите актери во меѓународната политика почнаа да бараат нови можности. Очигледно е дека трговските војни ќе го имаат својот ефект. Не би било претерување да се каже дека доаѓа време на насилство кое ќе влијае на сите, без разлика колку е големо или мало“, рече Ердоган, истакнувајќи дека „Турција, која сјае како ѕвезда водилка, е меѓу земјите кои се ориентираат најдобро во моменталната ситуација“.
„Турција е способна земја. Светот веќе ја прифати новата Турција, дури и западните земји ја прифатија, но главната опозициска партија во нашата земја одбива да го стори тоа“, додаде Ердоган, критикувајќи ја опозицијата за тоа дека „не разбира и не може да се ориентира во моменталната ситуација“.
„Набљудувајќи ја состојбата на Републиканската народна партија, жалиме за нашата земја. Тие никогаш не го распознаа сопствениот народ и се плашам дека никогаш нема да го сторат тоа“, додаде Ердоган