Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска остварил работна посета на Општина Велес, каде што се сретнал со градоначалникот Марко Колев и членовите на општинскиот Совет.
На средбата се разговарало за тековните и идните проекти во општината, со акцент на инфраструктурниот развој, за текот на проектот од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, како и за сите мерки кои Општината ќе ги реализира самостојно, но и со поддршка од централната власт.
На Општина Велес на првиот владин повик одобрен и беше еден проект, партерно уредување на плоштад и изградба на подземна гаража во централното градско подрачје, а на вториот владин повик, кој трае до 30.април, Општината поднесе 16 апликации.
- На средбата беше заклучено дека владината инвестиција за уредување на плоштад и изградба на подземна гаража директно ќе придонесе за трансформација на урбаниот изглед на Велес, ќе овозможи нов јавен простор за жителите и ќе создаде поголеми можности за културни и социјални активности. Подземната гаража ќе го реши долгогодишниот проблем со паркирањето во центарот на градот и ќе обезбеди поефикасен и побезбеден сообраќаен систем, што е од особена важност за урбаната мобилност и секојдневното функционирање на граѓаните, соопштија од Министерство за локална самоуправа.
Министерот Перински порачал дека Владата не отстапува од континуираната поддршката на општините, со јасна и единствена цел, создавање услови за поголем развој на секоја општина.
- Впрочем, како што беше заклучено на средбата, силна држава се гради врз темелите на развиени локални заедници, се додава во соопштението.
Денешната работна посета на Општина Велес е дел од теренските посети на министерот Перински на општините со цел директно запознавање и идентификување на сите предизвици во единиците на локална самоуправа и планирање насоки на движење за нивно надминување