Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово доби три спортски терени, фудбалско игралиште со вештачка треба, игралиште за кошарка и игралиште за одбојка. Овие спортски објекти денеска на свечен начин беа пуштени во употреба од министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Тие заеднички ја потенцираа досегашната добра соработка која, како што нагласија, резултираше не само со изградба на овие три спортски терени, туку и на уште неколку слични објекти во изминатиот период.

- Она што е важно да се напомене е одличната соработка помеѓу Министерството за спорт и Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами, затоа што нашата инвестиција и изградба на овие мултифункционални игралишта немаше да биде возможна без брзата реакција на Општината во издавање на сите потребни дозволи. Многу е важно сите ние да градиме едно општество во кое преку спортот, преку инвестирањето во младите, ќе градиме една поздрава нација која треба да биде иднината на оваа држава. Оваа инвестиција изнесува околу 6 милиони денари, при што се изградени се: едно фудбалско игралиште со вештачка трева, едно мултифункционално игралиште и едно игралиште за одбојка, изјави министерот Ристовски.

И градоначалникот Касами имаше пофални зборови за соработката на Општина Тетово со Министерството за спорт.

-Денеска ги промовираме овие отворени спортски терени кои се инвестиција на Министерството за спорт. Ова не е единствена инвестиција на Министерството во Тетово. Преку ова Министерство претходно интервениравме во уредување на еден парк со мулти функционални спортски терени и работиме за целосна реконструкција на спортските терени кај Спортскиот центар. Ова покажува дека и ние како Локална власт и Централната власт сме посветени да продолжиме и понатаму работиме за да имаме повеќе спортски терени, повеќе спортски активности и подобри услови за нашите млади во иднина, рече градоначалникот Касами.

Откако ја пресекоа црвената лента и ги означија за отворени спортските терени, министерот Ристовски и градоначалникот Касами им се придружија на учениците кои играа фудбал на новиот терен, а ги испробаа и своите спортски вештини на кошаркарското игралиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2025 02:51