Пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Љупчо Пренџов на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека треба да се испита улогата на вишата јавна обвинителка од Гостивар Вјолца Елмази која, како според него, предложила делумно уважување на жалбата на осудениот Менсур Пајазити, кој доби казна затвор од две години откако во 2022 година ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово.
-Апелираме овој случај да не се третира селективно и фрагментарно. Сметаме дека треба да се испита и улогата на вишата јавна обвинителка од Гостивар, г-ѓа Вјолца Елмази, која пред Апелациониот суд се предомислила и предложила делумно уважување на жалбата на осудениот Пајазити, со барање за намалување на веќе изречената казна. Ова постапување, во контекстот на случајот, остава простор за сериозна загриженост, рече тој.
Наместо да демонстрираат доблест и чувство за јавна одговорност, потенцира Пренџов, членовите на Судскиот совет избрале да ја релативизираат неправдата, обидувајќи се, како што рече, да ѝ дадат правно оправдание.
-Наместо да поднесат оставка, тие упорно го игнорираат легитимното барање на Собранието, изразено преку поднесени интерпелации. Станува збор за јавни функционери кои, и покрај отсуство на демократски легитимитет, остануваат на функциите спротивно на волјата на граѓаните и институциите. Наместо да се дистанцираат од политичките влијанија, тие продолжуваат да ја спроведуваат линијата на поранешната власт, симболично наречена „судство расцветано како пупка“ – етикета која денес претставува болно потсетување на нефункционалноста на системот. Парадоксот во функционирањето на нашиот правосуден систем сѐ почесто предизвикува запрепастеност и револт кај јавноста. За наводна кражба на храна – казна затвор од пет години. За одземање на човечки живот – само две. Во мигот кога верувавме дека институциите на правдата го допреле дното, сведочиме на уште подлабоки морални и професионални падови, рече Пренџов.
Посочи дека упатуваат јасен и аргументиран повик, не само до Судскиот совет, туку и до Советот на јавни обвинители, да поведат постапка за ревизија и утврдување на евентуално несоодветно и непрофесионално постапување на вишата јавна обвинителката.
-Ова е директен резултат на начинот на кој се води и контролира нашето судство. До кога политичките влијанијата ќе вршат притисок врз функционирањето на македонскиот правосуден систем? И дали носителите на одлуките имаат морална сила и човечка одговорност да ги објаснат своите постапки на семејството на младата Теодора? Од наша страна, како парламентарно мнозинство, остануваме непоколебливо посветени на принципите на владеење на правото. Ќе вложиме максимални напори, со решителност и интегритет, корупцијата да биде отсечена во нејзиниот корен – како предуслов за праведно и достоинствено општество за сите наши граѓани, истакна пратеникот Пренџов.