Доминираат штетните наративи во јавноста со кои се поткопува довербата во институциите и медиумите, се поттикнуваат поделби и се сее популизам, екстремен патриотизам и национализам. Се манипулира со јавното мислење преку изнесување лични дисквалификации, несоновани обвинувања за злоупотреби и корупции, дезинформации, теории на заговор, пристрасност, селективност, ширење паника, страв и несигурност. Политичарите и медиумите се свесни за ваквата состојба и покажуваат самокритичност. Сметаат дека гордиевиот јазол може да се пресече, но само ако, како што велат, секој најпрво појде од себе, од својот личен интегритет, домашно воспитување и свесноста за функцијата што ја извршува, како и ако меѓусебно соработуваат. Политичарите се сепак и скептични колку навистина ситуацијата ќе се подобри, дури некои од нив се убедени и дека ќе се влоши, особено сега, пред локалните избори.

Ова беше еден од заклучоците на денешниот панел што го организира Институтот за комуникациски студии (ИКС) по повод публикацијата „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“.

На дебатата се отворија многу прашања меѓу кои и колку медиумите денес се само политички трансмитери и партиски мегафони, колку се професионални ако се почесто праќаат новинари на терен без сериозни познавања за одреден сектор, дали и колку ја злоупотребуваат својата функција, но и зошто, дали и колку е намалена довербата на граѓаните во нив. Некои од прашањата беа и дали можеби политичарите се клучните креатори на штетните наративи поради желбата за добивање што повеќе поени кај јавноста и кревање на својот рејтинг најчесто преку напаѓање на своите противници без бирање средства и водење сметка за начинот на јавно произнесување.

-Ние ја пренесуваме информацијата за да се знае какви се нашите политичари, не за да ги едуцираме нивните гласачи, туку за да им покажеме со кого си имаат работа, да го видат нивото на комуникација на политичарите. Ајде од оваа страна да ја видиме работата нa медиумите. Кога имате соопштение од ДУИ со кое се брани криминалот на Груби врз етничка основа, тоа е ширење говор на омраза. И сега, што да правам јас како уредик? Да го стилизирам, да ја нашминкам стварноста? Не, треба да знаеме со кого си имаме работа, кој е од таа страна на масата. Така јавноста ќе може да прави селекција на локалните избори за кого ќе гласа, рече Александар Дамовски, главен и одговорен уредник на онлајн медиумот МКД.мк.

Порано, напомена Дамовски, немаше говор на омраза, новинарските текстови поминуваа низ повеќе филтри и одговорноста беше во кругот на редакцијата, а сега „филтерот е во спалната соба на еден човек кој само пренесува од социјалните мрежи кој што рекол и тоа го пумпа“. Ова, подвлече, никако не е новинарство.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска истакна дека штетните наративи не се својствени само во анализираниот деветмесечен период, туку се одлика во политичката комуникација години наназад. Таа посочи дека најмногу ја загрижуваат ад хоминем - нападите со кои целосно се дискредитира политичарот од спротивниот табор.

- Истражувањето на ИКС го гледам како апел и аларм да почнеме да ги поправаме нештата кои траат и се повторуваат со години. Погрешен е пристапот „кој прв почна“ зашто сите сме еднакво одговорни. Ако штетните наративи потекнуваат од политичарите, дел од одговорноста мора да преземат и медиумите, рече Бендевска.

Според координаторот на пратеничката група на коалицијата „За европска Македонија“ и пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски, политичарите се свесни за ефектите од штетните наративи.

- Дали политичарите се свесни дека употребуваат ваков говор, мислам да, зашто најголем дел од нив свесно користат штетни наративи и ќе ги користат се додека гледаат бенефит од нив. Да не се оди по логиката кој прв почна, туку да се соочиме со реалноста и да најдеме начин како да го пресечеме гордиевиот јазол. Пратениците сами ја поткопуваат довербата во себе и во Парламентот, имаме назадување во јавниот дискурс, на тоа што презентираме во јавноста, а состојбата уште повеќе ќе се влоши до локалните избори, оцени Спасовски.

И координаторот на пратеничката група на коалицијата „Твоја Македонија“ и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски е согласен дека политичарите ги користат и ќе ги користат сите алатки за да ги постигнат своите цели. Медиумите се, напомена Мицевски, што треба да помогнат штетниот наратив да се сведе на минимум.

-Сите треба да работиме на подобрување на оваа состојба. Сметам дека во основа на сето ова се основното воспитание, културата, личниот интегритет, свеста за функцијата што се извршува. Конкретно за Собранието, треба да бидеме внимателни кога се пренесуваат информациите. Не треба да се трча по скандали, а треба да има и истражување зошто па консументите сакаат такви вести. Медиумите исто, треба да внимаваат, да не ги пласираат штетните наративи како прва вест, рече Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на Вреди и пратеник од Алијанса на Албанците, Халил Снопче укажа на важноста од „триаголникот“ - новинари, политичари и граѓани. Нагласи дека политичарите ќе го користат штетниот наратив се додека им го подобрува политичкиот рејтинг. Сепак, апелираше „политичарите да се однесуваат како политички противници, но да не бидат противници како луѓе“.

-И медиумите треба да бидат внимателни во пренесувањето, но секако, и од граѓаните зависи како ги восприемаат информациите, заклучи Снопче.

Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, новинарството не треба да биде реакција на политичката агенда, туку двигател на вистинските прашања.

-Слободата на говор мора да се штити, но не смее да биде параван за говор на омрази и дискриминација. Медиумите не смеат да бидат мегафони на политичките актери, нивна задача е да проверуваат, анализираат и да контекстуализираат, рече Чадиковски.

Еден од авторите на публикацијата, медиумскиот аналитичар Михајло Лахтов подвлече дека се клучни транспарентната и одговорната политичка комуникација, почитувањето на политичките соперници и различните мислења, како и негувањето култура на дебата заснована на аргументи.

-Медиумите не смеат да бидат само пасивни пренесувачи на политичките изјави, туку активни посредници кои ги анализираат и критички ги преиспитуваат изјавите на политичките актери. Некритичкиот пристап ги остава граѓаните без потребниот контекст и без разбирање на сложеноста на темите, што влијае на нивната информираност, потенцира Лахтов.

Учесниците на панелот заклучија дека одговорноста за штетните наративи е споделена, односно дека политичарите, медиумите и граѓаните колективно го креираат јавниот говор и истовремено можат да го променат. За сето тоа, беше речено, е најваќна соработката - граѓанскиот сектор, медиумите и политичарите мора да соработуваат и покрај политичките разлики, а почитта и човечноста не треба да бидат жртви во политичката битка.

Политичарите кои присуствуваа на дебатата се согласија дека штетните наративи се најприсутни во предизборието, но не се оптимисти дека ситуацијата може да се промени пред претстојните локални избори.

- Видовме колку е важно да се зборува за нивото на јавната комуникација од политичарите и како тоа се пренесува во медиумите, односно како со тоа придонесуваат штетната реторика да влијае врз формирањето на јавната сфера. И политичарите и медиумите покажаа доза на самокритичност, свесни се за последиците од јавно искажаниот збор и сметаат дека треба да се упристои јавната комуникација. За жал, доминираат наративи со кои се поткопува довербата во институциите, се поттикнуваат поделби, се сее популизам и се изнесуваат несоновани обвинувања за злоупотреби и корупција. Кога тоа секојденвно го слушаме како ударна вест, кога постојано преовладува негативната реторика и кога гледаме колку таа зазема простор во јавната комуникација, имаме потреба да укажеме дека нешто мора да се промени, дојдено е времето, изјави Александра Теменугова од ИКС.

Публикацијата „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“ е финале на големото истражување „Мерење на политичките штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), спроведено од Институтот за комуникациски студии во соработка со голем број истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите, новинари и медиумски професионалц



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2025 03:34