Македонската женска ракометна репрезентација ќе има голема поддршка од трибините за утрешниот реванш натпревар против Полска во рамки на баражот за пласман на Светското првенство 2025.
Реваншот е закажан за утревечер со почеток во 19 часот во салата „Боро Чурлевски во Битола, а за пласман на мундијалскиот турнир македонските ракометарки ќе треба да ја надоместат негативата од четири голови разлика (18-22) со колку што загубија на првиот дуел во Полска.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) објави денеска дека 80 отсто од влезниците за утрешниот натпревар се продадени, очекувајќи полни трибини во салата „Боро Чурлевски“. Македонија нема настап на женскиот ракометен Мундијал од 2007 година.