Во Општина Тетово се одржа втората јавна дебата по предлогот на Општината за промена на имињата на одреден број улици во градот. За разлика од првата ваква јавна дебата, одржана минатиот петок кога имаше голем број граѓани, на оваа присуствуваа едвај десетина тетовци од кои само петмина дадоа предлози.
Сите присутни беа Албанци и тие најчесто како предлози споменуваа имиња на албански дејци од подалечната историја, но и од поблиската со имиња на учесници на страната на УЧК од конфликтот од 2001 година, дејци од културата и образованието. Една граѓанка, пак, достави список со 288 имиња за кои таа смета дека треба да им се дадат на улиците во Тетово, додека еден претставник од Здружение кажа дека доставил список со 400 имиња на улици. Некои од предлозите се однесуваа и на личности кои се уште се живи.
Претседателот на Работната група за утврдување на имињата на улиците Арџенд Велију соопшти дека од предлозите доставени во електронска и писмена верзија, како и од тие од првата јавна дебата, до сега се пристигнати над 900 предлози кон кои ќе се додадат и денешните.
-Во првата јавна дискусија одржана минатиот петок примени се 45 предлози. Со денешните предлози и тие што ќе се достават во наредните две јавни дебати, за сите ќе се дискутира поединечно. До сега комисијата има примено над 900 предлози за имиња на улици. Сепак има многу предлози кои се повторуваат, некои и по повеќе пати, па во наредниот период ќе направиме прочистување на списокот за да нема повторувања, изјави Велију.
Во Работната група има и претставници од македонските партии во општинскиот Совет, тие ниту на оваа, а ниту на првата јавна дебата не присуствуваа. Велију рече дека не е запознаен зошто тие не доаѓаат на јавните дебати