Како дел од договорот за новата германска Влада, министерствата за надворешни работи и економија ќе ги водат конзервативните министри на партијата ЦДУ, додека нивните коалициски партнери од редовите на Социјалдемократите (СПД) ќе го преземат ресорот финансии и одбрана, пишува „Политико“.
Бриселскиот портал наведува дека Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) ќе го води Министерството за внатрешни работи во новата германска Влада, но се уште не се знае кои министри ќе бидат задолжени за овие ресори.
Политико пишува дека пратеникот на ЦДУ, Јохан Вадефул, најверојатно ќе ја замени Аналена Бербок на чело на германската дипломатија, имајќи ги предвид неговите долгогодишни врски со Вашингтон и Брисел.
Освен Вадефул, овој ресор би можело да го преземе и поранешниот лидер на ЦДУ Армин Лашет или Јенс Шпан, кој е добро поврзан со американските републиканци, иако не е искусен дипломат.
Бриселскиот весник наведува дека се очекува Борис Писториус да продолжи да ја извршува функцијата министер за одбрана, на која беше назначен околу една година по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, а анкетите постојано го рангираат како еден од најпопуларните политичари во Германија.
Кога станува збор за Министерството за финансии, главни кандидати за функцијата се Ларс Клингбил, кој беше еден од главните преговарачи на СПД во коалициските преговори и Јорг Кукис, долгогодишен советник на поранешниот канцелар Олаф Шолц.
Карстен Линеман, еден од најблиските сојузници на идниот канцелар Фридрих Мерц, најверојатно ќе го преземе Министерството за економија, а се очекува нов министер за внатрешни работи да стане поранешниот министер за транспорт од ЦСУ, Александар Добринт, пишува бриселскиот портал. Конзервативната алијанса ЦДУ/ЦСУ победи на сојузните избори на 26 февруари, а претходната влада ја предводеше социјалдемократот Олаф Шолц. Успех на изборите постигна и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), но конзервативците ја отфрлија можноста за коалицирање со таа партија, пренесуваат агенциите.