Талентираниот шпански дефанзивец Дин Хујсен (19) стана еден од најбараните фудбалери по само една сезона во англиската Премиер лига и најверојатно ќе го напушти Борнмут ова лето, објавија денеска британските медиуми.
Според истите извори, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Њукасл и Тотенхем веќе разговарале со неговиот менаџер за евентуален трансфер и младиот централен бек наскоро ќе треба да донесе одлука која ќе ја одреди неговата кариера.
Хујсен е роден во Амстердам и настапуваше за холандската репрезентација до 17 и до 19 години, а минатата година го промени фудбалското државјанство и се приклучи на шпанската репрезентација до 21 година. Пред три недели тој дебитираше за шпанската А репрезентација во четвртфиналниот натпревар од Лигата на нации против Холандија.
Шпанскиот тинејџер дојде во Борнмут во јули минатата година во трансфер вреден 15 милиони евра. Неговиот договор со Борнмут е до јуни 2030 година, а ослободителната клаузула е дури 58 милиони евра.