Мандат за формирање влада ќе добие партијата или коалицијата што до мене ќе достави доказ дека има обезбедено мнозинство од 61 пратеник, а тоа ќе го направи преку собрани потписи од најмалку 61 пратеник, изјави претседателот Ѓорге Иванов по консултациите со лидерите на политичките партии.

„Се заколнав дека ќе го почитувам Уставот и Законите на Република Македонија. Согласно член 90 од Уставот на Република Македонија, оној кој што ќе успее да обезбеди мнозинство во парламентот ќе го добие мандатот. Конкретно, тоа значи прво потврда и доказ за мнозинство, па мандат за составување влада“, истакна Иванов по средбата со лидерите на политичките партии.

Покрај ова Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов истакна дека сите опции и понатаму остануваат отворени, односно дека во игра се и нови избори, доколку никој од лидерите не успее да достави доказ дека ги обезбедил потребните 61 пратеник.

Тој соопшти дека од оние што ќе ја составуваат новата влада бара два клучни приоритети, заштита на државните интереси на Македонија и зачувување на унитарниот карактер на државата, како и системска реформа по кризата.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2017 21:13