Владата на Република Македонија преку Министерството за економија ќе јасубвенционира финансиската поддршка во износ од 60 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари, која ќе биде наменета за набавка на опрема и инвентар, како и за уредување на просторот на селски домаќинства.
Критериуми кои треба да ги исполнат домаќинствата се: објектот да е уреден и опремен согласно традицијата на крајот во кој се наоѓа, да подготвува и послужува топли и ладни јадења, пијалоци и напивки вообичаени за крајот во кој се наоѓа селското домаќинство, да нуди услуги за сместување (најмногу до 5 соби), надворешниот изглед на куќата да биде без оштетување и знаци на дотраеност, како и околината на куќата да биде уредена во духот на селскиот туризам.
Со поддршка на селските домаќинства , како што соопштија од Министерството за економија се обезбедува и самовработување за лица во рурални средини и зголемување на автентична туристичка понуда, со можност за промоција на локалните вредности. Оваа активност ќе се реализира во периодот од месец февруари до месец октомври 2017 година.