На Вардар му требаа само 15 минути пред сериозно да загризе и очекувано да победи на дуелот со Мец во второто коло од главната фаза на ЛШ, со 23-21 (13-11) за нов клупски рекорд. На крајот иако имаше драма, и Мец доби шанса дури и да освои бод, среќата беше на наша страна.

Вардарки остануваат на првата позиција на табелата во Група 1 од главната фаза на лигата на шампионките со 11 бода, два повеќе од ракометниот клуб на Будимпешта.

Нашите девојки постигна и нов клупски рекорд од седум победи по ред во ЛШ, и ја израмнија серијата од девет меча без пораз, што ја имаа во сезоната 2013/2014. ЖРК Вардар е единствениот тим без пораз сезонава во најелитното женско ракометно натпреварување во Европа.

Предупредувањата пред натпреварот дека Мец не е наивен ривал, ниту пак лесен се покажаа како точни. Гостинките од Франција сѐ до 16 минута имаа резултат кој или беше во нивна корист, или пак нерешено. Одиграа агресивно во одбрана принудувајќи ги нашите девојки некогаш прерано или од недоволно изградени позиции да шутираат. Во напад Мец имаше решение за нашата одбрана, па затоа и првата четвртина од средбата имаа активен резултат.

Тренерот Давид Дејвис им даде шанса на Дамњановиќ, Хмирова и Лазовиќ да почнат како прва бековска тројка, заедно со Тамара Мавсар на лево крило. Меѓу стартерите беше и голманката Мајса Песоа. Таа иако ги имаше „на рака", неколку топки сепак завршија зад нејзиниот грб. Таа дури во 15 минута ја имаше првата одбрана на средбата, а полувремето го заврши со пет одбранети топки.

Кога во 16 минута Мец поведе со 6-7 тоа беше веќе знак за нашата клупа да побара тајм аут. Се поделија совети, но и се смени седморката. Во игра влегоа Пенезиќ, Лекиќ, Лакрабер, Херем и Човиќ.

Тоа веднаш донесе резултат, зашто четири минути подоцна Вардар имаше водство од 9-7. Во 27 минута првпат ја минавме границата од „плус 3" за водство 13-10, а имавме шанса дури да постигнеме и уште некој гол пред заминување на одмор.

Второто полувреме го почнавме добро со позитива од „плус 5" после само четири минути играње, кога Вардар поведе со 16-11. Таа „петка" ја имавме потоа уште неколкупати на наша страна, 17-12, 18-13, 19-14. Мец веќе немаше сила да се бори против нас, а тоа ни донесе и првпат позитива од плус 6, 20-14 во 43 минута. Одбраната на Вардар беше одлична, она што сепак ќе успееше да мине низ рацете на играчите завршуваше кај Амандин Лејно. Таа брзо имаше пет успешни одбрани, вклучувајќи и еден седмерец.

Мец се созема од кризата во која се најде, и со серија голови го направија натпреварот крајно интересен. Од 20-14, за 14 минути намалија на 22-20, и имаа шанса да дојдат и до еден гол негатива, и тоа со играч повеќе. Играта „седум на шест" понекогаш носи и ризик, па така по еден наш нереализиран напад, гостинскиот голман даде гол за 22-21.

Во последната минута Вардар доби шанса да ги реши сите дилеми, откако над Лекиќ беше направен прекршок за пенал. На 36 секунди до крај ударот на Александра Лакрабер го одбрани голманката Глосе.

Претстоеше нова драма во СЦ „Јане Сандански". Ударот на Зади заврши во стативата на десет секунди до крај. Таа топката дојде до Радичевиќ која ја пласираше во празната мрежа на Мец, со што го постави и конечниот резултат 23-21.

Во следното коло од главната фаза на ЛШ Вардарки гостуваат во Германија, кај Турингер на 12 февруари.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2017 23:51