Американскиот конгресмен Дана Рохрабачер вели дека Македонија не е држава и дека треба да се подели. Во интервју за Визион Плус, цитирано од Алсат-М телевизија, Рохрабачер истакнува дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и сега според него, сите околности се создадени нејзините делови да им се дадат на соседните држави. Во новата администрација на претседателот Доналд Трамп, Рохрабачер е претседател на Комитетот за надворешни работи, чија задача е надворешната политика на САД.

„Мојот став е дека Македонија не е држава. Жал ми е, но не е држава. Тие се толку поделени што никогаш нема да бидат во можност да одат добро заедно. Затоа Косовците и Албанците во Македонија треба да бидат дел од Косово, додека другиот дел на Македонија треба да стане дел од Бугарија или со било која друга земја за која тие тврдат дека се поврзани. Идејата е дека ние сакаме да ја држиме Македонија во живот, бидејќи некој пред 30 години одлучил дека тоа е конфигурација која треба да произлезе од растурањето на Југославија, но тоа нема да доведе до образложение дека оваа идеја се уште држи“, изјавил Дана Рохрабачер за Визион Плус.

На прашањето дали администрацијата на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ја поддржува идејата на Рохрабачер, тој рече дека има влијание врз американската надворешна политика и дека во иднинам на седници на Комисијата за надворешни прашања ќе се разговара и за прашањето на промена на границите на Балканот.

„Јас имам влијание врз американските политичари. Јас сум претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом што се занимава со тој дел од светот. Ќе имаме седници во наредните месеци. Едно од прашањата за кои ќе разговараме е промената на границите, со цел тие да имаат смисла и да донесат мир на Балканот.“ – додава Дана Рохрабачер.

Извор: Алсат – М Телевизија



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2017 14:14