“Позицијата на САД во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија останува иста и во целост го поддржуваме“.

Ова го изјавил за „Гласот на Америка“ на албански јазик висок неименуван функционер на американскиот Стејт департмент, а во врска со изјавата на републиканскиот конгресмен Дана Рохрабачер.

Изјавата е безмалку идентична со изјавата што минатата недела ја даде портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, по шпекулациите во некои од медиумите во земјава дека Амбасадата на САД во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД. Тонер тогаш беше дециден дека нема промена во американската политика спрема Македонија.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија вчера соопшти дека по дипломатски пат побарало став од американскиот Стејт департмент за изјавите на Рохрабачер, изнесени во интервју за „Визион плус“ од Тирана.

Инаку, Рохрабачер во интервјуто изјави дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2017 11:56