Министерството за образование и наука реагира на прес конференцијата на Николина Нолевска, советник од редовите на СДСМ во Советот на општина Бутел, која не може да се сфати никако поинаку, освен како обид за печалење на ситни политички поени на личното и на контото на партијата која ја застапува.

Во интерес на вистината, информираме дека изградбата на нов објект за потребите на подрачното основно училиште Св. Климент Охридски во населбата Визбегово е предвидена во планот за јавни набавки на Министерството за образование и наука за 2017 година. Активностите се веќе започнати, односно изготвен е основен проект за новиот објект, а во меѓувреме на 31.1.2017 година е објавена и јавна постапка за избор на компанија за надзор на градежни активности, која секој може да ја види на системот на Бирото за јавни набавки. Јавното отворање на понудите е на 13.2.2017 година.

Во многу скоро време, практично по добивањето на позитивно мислење од страна на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, ќе биде објавена и постапката за избор на компанија која ќе го изгради овој објект.

Советничката Нолевска воопшто нема потреба да се грижи по однос на ова прашање и при следниот нејзин јавен настап, ја советуваме подобро да се информира по однос на темите за кои говори, се вели во реакцијата на Министерството за образование и наука.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2017 17:32