Претставници од граѓанската иницијатива „Прво кафе кај градоначалникот“ денеска беа на разговор кај првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. На средбата се говореше за најактуелната тема во изминатите десет дена, загадувањето на воздухот во Карпош и целиот град. Целта на разговорот беше граѓаните Александар Донев (жител на Општина Карпош) и Александра Теменугова, да се информираат што може општината да стори и што досега сторила против загадувањето на воздухот на оваа територија.
По два ипол часовниот разговор и меѓусебното информирање за темата која подеднакво ги загрижува и граѓаните и локалните власти, учесниците во „конструктивното кафе“ беа едногласни во оценката дека се неопходни координирани и стратешки мерки на подолг рок, за трајно решавање на проблемот со аерозагадувањето.
Градоначалникот Јакимовски им образложи дека Општина Карпош како потписник на конвенцијата 20-20-20 (20% намалување на штетни гасови во атмосферата, 20% учество на обновливи извори на енергија во вкупната енергетска потрошувачка и 20% помала потрошувачка на енергија), досега поднела 35 еколошки проекти, а ги наброја и сите активности кои локалната самоуправа ги правела и ги прави на планот на заштита на животната средина:
Обнова и поставување на термички фасади на колективните станбени објекти, замена на азбестните покриви, одржување на хигиената исклучиteлно на трошок на општината, одржување на блоковското зеленило и посадување на 10.500 млади дрвца во последните неколку години.
Александра Теменугова посебно се интересираше за проблемот на ограничените законски ингеренции што ги има локалната самоуправа во сферата на испекцискиот надзор, односно овластениот инспектор за екологија во санкционирањето на загадувачите. Според Александар Донев, потребна е изработка на долгорочна стратегија за борба против аерозагадувањето, меѓутоа со соочување со сите надлежни структури во државата од локално до централно ниво.
Заедничкиот заклучок на сите учесници на работната средба, беше дека е потребно сите конкретни мерки и идеи за решавање на овој голем проблем да се апсолвираат низ една форумска дебата, која ќе резултира со студија и дузина законски интервенции и измени, со што трајно би се решил проблемот со загадувањето на воздухот и заштитата на животната средина.