Во Неготино се избираат најдобрите вина и ракии произведени во домашни услови, во рамки на традиционалната манифестација „Недела на виното”, посветена на верскиот празник „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите. Изборот се врши преку дегустација на пријавените мостри од 30 црвени и 18 бели вина, како и 14 ракии.

– Меѓу вината што ги дегустираме има и фаворити и просечни вина, нема вина со лош квалитет. Mногу е битно што од година во година, домашните производители одат напред, кога е во прашање квалитетот на нивните вина. Тоа значи дека домашните производители покрај тоа што ја почитуваат традицијата, веќе слушаат и совети од стручни лица. Многу се внимава на технологијата, постапките, хигиената при производството и така се добива се подобар и подобар квалитет на нивните вина. Uбаво е да се продолжи оваа традиција, тие да имаат и мотив за понатаму, изјави Соња Перковска од винарија „Мовино”, која е дел од стручните лица кои ги оценуваат вината.

Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов информира дека годинава има најголема масовност во поглед на пријавените примероци чиј квалитет се оценува. Наградите ќе бидат свечено доделени на самото празнување во вторник, на градскиот плоштад во Неготино. Се надеваме дека со симболичното наградување ќе мотивираме во иднина интересот за ваквиот натпревар да биде уште поголем. Тие што се во можност пак, да пристапат кон регистрирање на професионални винарници, изјави Апостолов.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/02/2017 19:26