На денешниот празник Свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозарите, новиот воз бесплатно ќе вози од Скопје за Демир Капија. На тој начин сите заинтересирани ќе можат да бидат дел од традиционалната манифестација посветена на грозјето и производите од него, која ја организираат општинските власти. Возот во Демир Капија ќе пристигне во 10:00 часот, а ќе се враќа за Скопје во 15:00 часот. За време на манифестацијата, на плоштадот ќе има бесплатно јадење и пиење, шведска маса и вино и ракија.
Централниот настан ќе се оддржи денес кога ќе има свечено закројување на винова лоза, базар за традиционални производи и културно уметничка програма. Ќе настапат КУД „Мирка Гинова” и естрадните уметници Блага Петреска, Евто Пупиновски, Јордан Митев, Виолета Томовска, Адријана Алачки, во придружба на оркестарот на „Зајди, зајди”.