Документ со предлози за владина коалиција, што Али Ахмети минатата недела го побара од Зоран Заев, денеска од Бихаќка стигнал во Мала Речица, потврдиле партиски извори и од СДСМ и од ДУИ за „Телевизија 24“.

Од ДУИ не сакаат да прецизираат што сè има во пакетот освен предлог закон за албанскиот јазик. Од СДСМ, пак, само кусо велат дека документот е еден.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на средба со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска истакна дека ДУИ не се брза, туку сака да се осигури дека очекувањата на граѓаните ќе се исполнат, заедно со „разгледувањето и расветлување на оспорените случаи како ‘Монструм’, ‘Сопот’, ‘Куманово’ (Диво насеље) и прислушувањата“.

Ахмети посочил дека врз ДУИ се врши постојан медиумски притисок, но додал дека партијата работи рационално и фокусирано и дека „не е сервис на било која партија“.

Невзат Бејта, градоначалникот на Гостивар пак, на Тимоние му порачал дека е потребно што побрзо формирање на нова Влада.


СДСМ доставил писмени гаранции до ДУИ

– Потребно е што побрзо да се формира влада, тоа го сакаа и мнозинството на граѓаните на Македонија. Тоа е потребно за правдата, слободата, рамноправноста на нашите граѓани да дојдат на свое место, да се зацврсти демократијата. Формирањето на владата е во прилог на нашето општество – изјави Бејта. / МЕТА



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2017 11:08