Во продолжение интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Грижата кон учениците и нивниот правилен раст и развој преку поддршка на училишниот спорт во времето на владеење на Социјалдемократскиот сојуз беше незадоволителна, како впрочем и грижата кон сите останати категории на граѓани. И затоа, СДСМ продолжува да биде поразуван веќе 10 последователни изборни циклуси.

Состојбите значително се менуваат во 2006-та година, кога Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ предложи и започна со имплементација на сеопфатна стратегија за поддршка на училишниот спорт и за правилно насочување на учениците.

Во тој контекст, информираме дека во изминатите неколку години Владата изгради 98 училишни спортски сали во многу општини дури и во места каде што претходно не постоело ниту земјено игралиште, а изградени се и бројни мултифункционални спортски игралишта, тениски терени, фудбалски и игралишта за баскет. СДСМ, своевремено не успеа да изгради ниту еден објект од ваков тип, така што вредност на нивните инвестиции во оваа област е рамна на нула.

Покрај ваквото обновување на спортската инфраструктура во рамки на образовните институции, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме го зголеми бројот на часовите по физичко образование и спортски активности, од 2 на 3 часа неделно.

Дополнително, во изминатите години значително е зголемена спортската активност кај учениците од средните и основните училишта со имплементирањето на законската можност за регистрација на училишните спортски клубови. Во овој момент, многу основни и средни училишта имаат активни регистрирани спортски клубови по повеќе спортови и во истите се вклучени повеќе од 30.000 ученици, бројка којашто континуирано се зголемува.

Започнувајќи од 2010-та година Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку Министерството за образование и наука во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на училишен спорт на Македонија, го реализира проектот „Спортски игри“ преку организирање на општински, регионални и државни спортски натпревари за учениците од основното и средното образование во машка и женска категорија и организирање на училишен спортски камп со најдобрите ученици од државните натпревари, со присуство на познати спортисти и тренери од Република Македонија. Така што, СДСМ нема потреба да нуди „ветер и магла“ и да ветува нешто, коешто веќе години наназад успешно функционира.

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна политичка партија продолжува со вложувањата за развој на училишниот спорт, но и воопшто за развој на професионалниот спорт, преку изградба на нови спортски објекти, поддршка на спортските надежи, имплементирање на мерки од корист на спортските федерации, воведување на спортски финансиски олеснувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2017 14:50