Македонските компании како и компаниите од помалите земји за полесен пробив на поголемите пазари, преку системот ТЕД на ЕУ - платформа за тендери имаат можност за слободен пристап за бизнис со земјите членки на Европската Унија, како и Европската економска област и останатите континенти. Се работи за единствена онлајн платформа, посветена на јавни набавки, која приватниот и јавниот сектор ја користи за пристап до информации за тендери.
„Преку TED платформата се објавуваат 460.000 повици за тендери на годишно ниво, со вредност од околу 420 милијарди евра. Целта е споделување на информации и користење на системот за информирање за јавни тендери во сите земји. Секој ден, од вторник до сабота повеќе од 1.700 огласи за јавни набавки се објавуваат на TED платформата и постои можност да се пребаруваат огласите за јавни набавки по држава, регион и бизнис сектор. Информациите за секој документ за јавните набавки се објавуваат на 24 официјални јазици на ЕУ. Со регистрација на платформата компаниите добиваат персонализиран профил за пребарување и во зависност од нивните потреби може да добиваат дневни, неделни или месечни е-маил известувања, но и да се пребарува архивата на ТЕД платформата за повици за јавни набавки, до пет години наназад“, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија.
Известувањата се од областа на јавни работи, стоки и услуги, потоа секторски договори (вода, енергија, транспорт и телекомуникации) како и известувања за проекти финансирани од Европската инвестициона банка, Европскиот инвестициски фонд, Европската централна банка, Европската банка за обнова и развој и Надворешна помош и Европскиот фонд за развој.
Вкупната вредност на јавните набавки и договори во ЕУ е помеѓу 12 – 15 % од бруто домашниот производ на ЕУ. Три четвртини од повиците се од Германија, Франција, Британија, Шпанија, Италија и Полска.