Во продолжение интегралниот текст од соопштението:
Ќе воведеме фер даноци, посиромашните ќе плаќаат помалку, а побогатите повеќе.
Промените во даночниот систем ќе обезбедат поголема праведност во распределбата на доходот и богатството во нашата земја.
Тоа ќе го направиме преку воведување на праведен персонален данок на доход, укинување на максималната горна граница за плаќање на придонесите на плати, воведување на праведно оданчување за поседување на повеќе имот, и посилно одначување на луксузот. Истовремено ќе обезбедиме голема транспарентност во трошењето на парите од Буџетот, праведност во плаќањето на некои јавни услуги и ќе работиме на зголемување на квалитетот на јавните услуги. Дополнително во секое семејство ќе влегува плата плус од поврат на 15% на ДДВ.
Уште во првите шест месеци од мандатот, на граѓаните кои имаат вкупен месечен личен доход до нивото на законски утврдената минимална плата ќе им биде вратен износот кој како персонален данок на доход претходно бил уплатен од страна на нивните работодавачи.
Граѓаните чијашто основна дејност им е земјоделство и ги исполнуваат условите за паушално оданочување ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок на доход.
Ова се само дел од мерките со кои ќе обезбедиме праведен даночен социјален систем кој ќе осигура праведна распределба на доходот во земјата.
Затоа итно е потребна нова и одговорна Влада којашто ќе води реални политики во интерес на граѓаните.
Од оваа година го создаваме животот што заедно го избравме!