Во Законот е јасно кажано по кој однос лицата кои оствариле приходи над еден милион денари во текот на една календарска година, треба да се регистрираат за целите на ДДВ, рече денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Анастасија Илиеска.
Одговорајќи на новинарско прашање дали членовите на надзорните и управните одбори, како и лицата кои оствариле над еден милион денари преку хонорар или авторкси договор се ДДВ обврзници, Илиеска нагласи дека Законот е дециден и во овој сегмент нема измена од неговото донесување во 2000 година.
– Законот не познава дали сте правни или физички лица за да се регистрирате и да бидете обврзници за ДДВ. Добро е кажано во кои услови и по кој однос на приходи треба некој да стане обврзник за ДДВ и што се подразбира под стопанска дејност. Само во случаите кога има стопнанска дејност која во континуитет се извршува и ако се надмине прагот на износот за ДДВ, само во тој случај се врши регистрација за ДДВ, објасни директорката пред продолжението на Глобалниот Самит на жени лидери 2017.
Во врска со наплатата на даноците, информира дека во јануари и февруари годинава пријавите масовно се доставуваат (годишни извештаи, ДДВ, завршни сметки), а со добра динамика се одвива и доставувањето на годишните даночни пријави.
– Во овој контекст, добра е наплатата и на даноците зашто со пријавувањето и поднесувањето на пријавите, даночните обнврзници си ги плаќаат обврските, дополни Илиеска.
На прашањето како е да се работи во денешниот „машки свет“, одговори дека целта на жените е да го направат општеството поубаво.
– Во мојот свет има многу жени или јас полесно соработувам со нив иако тука не се исклучок и мажите. Со жените секогаш сте „на чисто“ и знаете каква е реално работата. Предрасудите околу машките и женските професии полека се надминуваат кога самите ние не ги спомнуваме за некои функции. Всучност, ние сме тие што ја правиме дискриминацијата, мажи или жени, рече Илиеска пред предвидените панел-дискусии на Самитот.