На Редовното изборно генерално собрание кое се одржа во хотел „Александар Палас“ во Скопје, Илчо Ѓорѓиоски со 91 глас го доби мандат да го предводи македонскиот фудбал.
- Најнапред сакам да ја искажам мојата благодарност до сите вас за укажаната доверба. Голема чест е да се биде претседател на ФФМ и да се бориме за македонскиот фудбал како што тоа некогаш го правевме на теренот. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена, истакна старо-новиот претседател.
Во изминатите години успеавме да реализираме голем број на проекти и би сакал да се заблагодарам на сите во фудбалското семејство кои дадоа свој придонес. Ве повикувам да продолжиме да работиме секогаш во интерес на македонскиот фудбал. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развој на нашиот фудбал. Но, една работа не смееме да ја заборавиме, Иднината на македонскиот фудбал не е во рацете на поединец, па ни само во Фудбалската федерација на Македонија, таа е во рацете на сите нас.
“Може да кажам дека наредниот период на македонскиот фудбал му е неопходно вистинско обединување, затоа што сигурен сум дека ни престои развој согласно очекувањата на сите љубители на фудбалот. Знам дека сме на вистинскиот пат, исто како што знам дека и се се гледа преку призмата на резултатите на сениорската репрезентација. Знам дека тие не се нешто со кое може да се гордееме, но таа е наша репрезентација и секогаш и е неопходна подддршка, од секој навивач, од секој поединец, од секој фудбалски работник… Мене ми е задоволство, што вложувајќи ги сите напори оваа година ќе ја имаме европската елита во Македонија на Суперкупот на УЕФА, а и самите ќе бидеме дел од Европа со настапот на ЕП на младата селекција“ – истакна Ѓорѓиоски во обраќањето веднаш по реизборот на претседателската функција,
Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ја помага својата база, ве повикува и вас да разговарате, да се борите, да работиме заеднички. Никој нема да ни помогне ако самите тоа не го направиме. Вие почитувани пријатели сте богатството на нашиот фудбал и би сакал сите да ја препознаат вредноста и улогата на фудбалот и да ни помогнат да го развиеме, истакна Илчо Ѓорѓиоски во своето обраќање.
-Среќен сум што имаме силна федерација, добра структура и одлични односи во соработката со Уефа и Фифа, додаде Ѓорѓиоски