На 19.02.2017 година во 16.50 часот во Скопје, група младинци - најверојатно членови на навивачка група „Комити“, револтирани од приведувањето на нивни членови кои учествувале во нарушување на Јавниот ред и мир на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Вардар“ и ФК „Шкупи“, кој се одиграл со почеток во 14.00 часот на стадионот „Филип 2“ во Скопје, организирани во две групи, почнале да фрлаат камења и други тврди предмети кон објектот во кој е сместена ПС Центар.

Повредени полициски службеници нема и засега не е пријавено оштетување на предмети. Во врска со настанот во ПС Центар приведен е А.З. (19) од Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Во вечерните часови пак во ПС Центар, М.Ж. (73) од с.Сопиште, скопско, и О.К. (45) од Кичево пријавиле дека истиот ден околу 13.30 часот петнаесетгодишен внук на М.Ж. и петнаесетгодишниот син на О.К., во близина на „Академија Вардар“, физички биле нападнати од група од 20 до 30 лица, најверојатно навивачи на ФК „Шкупи“. Во наведеното време малолетниците излегле од спортската сала „Кале“ и се упатиле кон „Градски парк“. Во непосредна близина на „Академија Вардар“ забележале дека зад нив се движела групата.

При разминување едно лице од групата со тупаница го удрило внукот на М.Ж. во пределот на лицето, додека неколку други лица физички го нападнале синот на О.К., удирајќи го со нозе и раце во пределот на главата и телото. Малолетниците забележале дека едно од лицата имало нож во рака, а повеќе други лица имале метални шипки на расклопување, кои не ги употребиле.

Синот на О.К. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во ГОБ „8-ми Септември“, каде му била укажана медицинска помош и му биле констатирани телесни повреди. Претходно, непосредно по случувањето на горепријавениот настан, од страна на полициски службеници, кои биле ангажирани да го обезбедуваат фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Вардар“ и ФК „Шкупи“, било интервенирано и во ПС Центар биле приведени шест лица од Скопје и едно лице од Велес, информираат од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2017 14:35