Јавен повик за избор на најдобри бизнис планови и за започнување бизнис е објавен во рамки на Проектот финансиран од Европската унија насловен „Интегрирање на етничките малцинства на пазарот на трудот преку поттикнување на нивниот потенцијал за вработување“.

Како што информираат од Фондација за Претприемачки сервис за млади, главна цел на проектот е да го фасилитира процесот на интеграција на младите луѓе од етничките малцинства во земјата, преку зголемување на нивната конкурентност на пазарот на трудот. Целни групи се млади луѓе и жени од етничките малцинства од земјата, релевантни институции и организации кои работат на поддршка на жените и малцинствата, како и компании како потенцијални работодавачи.

Проектот е со времетраење од декември 2015 до август 2017 година. Право на учество имаат млади лица на возраст од 18 до 35 години, а секој учесник има право да аплицира само со еден бизнис план. Со еден бизнис план може да учествуваат најмногу четири лица.

Услов за добивање на паричната награда е формирање на претпријатие. Претпријатието треба да се основа по завршување на натпреварот во рок од еден месец. Носителите на бизнис планот воедно мора да бидат основачи и сопственици на претпријатието, а за истото ќе треба да се приложи решение од Централен регистар за новорегистрирано претпријатие. Услов за учество е бизнис плановите да бидат изготвени согласно Урнекот за пишување на бизнис план (достапен на веб страницата http://www.pretpriemac.mk).

Ќе бидат наградени пет најдобри бизнис планови, секој од нив финансиран со најмногу 3.000 евра во денарска противредност. Средствата може да бидат искористени само за следните буџетски ставки: опрема, човечки ресурси, кирија за период од 01.05.2017 до 01.08.2017, комуналии, трошоци за регистрација на фирма, канцелариски материјали, истражување.

Секој добитник на награда ќе потпише договор со имплементаторите на проектот, каде ќе бидат предвидени условите и обврските на двете страни. Проектот ќе ја врши набавката на средствата, според однапред определниот буџет на добитниците на наградите и планот за набавка. Сите трошоци треба да бидат подмирени најдоцна до 01.08.2017. Оние трошоци кои ќе бидат направени по завршување на овој период, се сметаат за неважечки.

Апликантите треба да ги испратат бизнис плановите најдоцна до 05.03.2017 до 23:59 часот, на е-пошта: info@yes.org.mk.

Информации во врска со критериумите за оценување и изборот на најдобри бизнис планови се достапни во Фондацијата за Претприемачки сервис за млади, info@yes.org.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2017 12:48