Железничкиот сообраќај во Македонија се уште е во целосен прекин поради протестот на вработените кои бараат целосна исплата на јануарската плата.

Од Железничката станица во Скопје информираат дека и денеска не сообраќат патничките и товарните возови.

„Македонски железници – Транспорт“ денеска соопшти дека до крајот на овој месец ќе изнајде начин да го исплати првиот дел од јануарската плата, а од 10 март и вториот дел од платата.

Во соопштението се деманитираат информациите дека на вработените им се должат многу плати и се истакнува дека не е исплатена само јануарската плата.

Од „Македонски железници – Транспорт“ посочуваат дека во соработка со Владата треба да се финализира и решението за подолгорочно решавање на состојбата во Македонски железници.

– Дополнително би сакале да упатиме еден апел до сите вработени кои недозволуваат нормално одвивање на железничкиот сообраќај, да не потпаѓаат под притисок за собирање на нечии дневно-политички поени бидејќи подлегнувањето на такви притисоци нема да доведе до решенија, туку само до продлабочување на кризата што од друга страна е цел на одредени политички субјекти, наведува „Македонски железници – Транспорт“.

Од друга страна, вработените остануваат на ставот да им биде исплатена целосно јануарската плата и најавуваат дека прекинот на железничкиот сообраќај ќе трае се додека не биде исполнето нивното барање.

Протестот е во организација на организација на Независниот синдикат на МЖ, СЖМ-Инфраструктура и АНС – Железничари.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2017 12:57