Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ja прими г-ѓа Аргентина Шабадос, регионален директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) задолжен за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија.

На средбата беше разговарано за актуелната состојба со бегалската и мигрантската криза, стратегиите и активностите на Меѓународната организација за миграција и улогата на Република Македонија во справување со мигрантската криза.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги спроведува мерките и постапува согласно заклучоците на Европскиот совет, со цел превенирање на заканата од илегална миграција, заштита на границите и зачувување на интегритетот на Шенгенската зона. „Безбедносните служби на Република Македонија се справуваат со мигрантската криза на одговорен и професионален начин, со хуманитарна поддршка во согласност со највисоките европски и меѓународни стандарди", посочи македонскиот претседател.

Г-ѓа Шабадос го информираше претседателот Иванов за стратегиите и приоритетите на ИОМ во однос на натамошната соработка со Република Македонија во сферата на миграциите. Регионалниот директор изрази задоволство од односот и третманот на Република Македонија кон бегалците и мигрантите, согласно сите меѓународните стандарди и ги поздрави начините на кои земјата се справува со мигрантската криза.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната помош од ИОМ и ја посочи потребата од зајакнување на капацитетите на македонските безбедносни институции, при што беа разгледани можностите за поголема поддршка од страна на Меѓународната организација за миграција во јакнењето на капацитетите на АРМ.

Регионалниот директор на ИОМ изрази благодарност на македонските институции за соработката и уверување дека и во иднина ќе продолжат со поддршката во согласност со потребите на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2017 16:49