Во сабота и во недела во Прилеп по 16-ти пат ќе се одржи Меѓународниот карневал „Прочка“ на кој се очекува да има над илјада учесници од земјава и од странство, соопштија денеска на прес-конференција организаторите локалната самоуправа и Здружението „Прилепски мечкари“.
Снежана Ристеска, советник за култура во прилепската локална самоуправа објасни дека Карневалот започнува во петок со отворање на изложбата на маски изработени од учениците во основните и средните училишта. Во сабота е првта научна конференција за карневалските маски.
– Во сабота во хотелот „Кристал Палас“ ќе се одржи првата научна конференција насловена како „Обреди и фестивали под маски на Балканот: традиција, состојба, тенденција“. Учесници се пријавени од Србија, Бугарија и Македонија, додека реферати ќе има и од етнолози од Словенија, Хрватска и од Грција. На оваа конференција ќе се истакне улогата на маската и маскирањето како дел од културната историја и наследството на Балканот низ вековите, а материјалот од конференцијата ќе биде испечатен и издаден од општината заедно со Институтот за старословенска култура кои ја организираат, вели Ристеска.
Прилепскиот карневал со маските од лани се одржува два дена. Во сабота ќе бидат претставени детските маски.
– Од лани детскиот карневал е посебен настан и ќе се одржи во сабота. Маскираните деца и ученици до 14 години ќе дефилираарт на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ од 12:30 часот. Ќе има и куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции за сето тоа да заврши со заедничка забава, рече таа.
Во недела од 13 часот е дефилето на маските кои стручна комисија ќе ги оценува и ќе ги избере најдобрите.
– Дефилето ќе почне од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ па се до плоштадот „Методија Андонов Ченто“ каде во сиот раскош ќе бидат претставени богатите маски од земјава и странство, објасни Ристеска. Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ најави гости на карневалот од повеќе земји.
– Освен гостите од Прилеп и од Македонија, оваа година потврдено е присуството на групи од два град од Албанија, Каваја и Корча, од Србија има од Бања Ковиљача, Шабац, Лесковац, Белград, Бела Црква, Врњачка Бања и од уште неколку други, од Бугарија ќе дојдат гости од Перник. Годинава се очекува да имаме околу 1.000 учесници. Здружението „Прочкари“ прави маска која што не е видена досега на овие балкански простори, која ќе даде голем поттик за размислување за нашите обичаи и традиции, а паралелно со тоа и средните училишта изработуваат интересни маски, вели Георгиев.
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески карневалот „Прочка“ е еден од поголемите културни брендови не само на Прилеп туку и на Македонија и е на мапата на тој т.н. фестивалски и културен туризам, кој Прилеп го негува веќе со години.
– Успеавме во овие години од една локална традиција овој настан да го претвориме во меѓународен карневал кој е влезен во Европската асоцијација на карневалски градови. Пред неколку години во Прилеп се организираше и Светската конвенција на карневалски градови, кога дојдоа неколку стотини делегати од преку 70 земји од светот. Ги поканувам сите граѓани на Македонија да дојдат овој викенд во Прилеп каде ќе биде најлудата забава во државава и каде се очекува, доколку бидат добри временските услови, дефилето во неделата да го проследат над 40.000 луѓе, изјави Ристески.
Традиционално, карневалските настани завршуват в понеделник, со посен ручек, вели Ванчо Георгиев од здружението „Прилепски мечкари“
– Тоа е вековна традиција и секоја година се одржува во некој верски објект, каде касапите се молат за прошка на своите гревови, а потоа се служи ручекот со посен грав кој претставува вистински специјалитет, затоа што е подготвен само на масло, без вода. Тоа е тајна на касапите која досега не сакаат да ја откријат. Средбата е во понеделник во 12 часот во манастирот „Св. Ѓорѓија“, над вештачкото езеро, објаснува Георгиев.