На новинарско прашање дали денеска ДУИ ќе донесе конечно решение за доделување на потписите за формирање влада, Ахмети вели дека една од опциите е ДУИ да остане во опозиција.
– Денеска ќе разговараме околу опциите за ДУИ да остане во опозицијата – рече Ахмети.
Централното претседателство на ДУИ требаше да го почне состанокот во 10 часот утринава, но го одложи за 13 часот.
Вчера, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Сараево рече дека ДУИ донела одлука да му ги даде на СДСМ потписите за составување влада која, според Заев, ќе се формира во првата половина на март.
– Знам дека раководството на ДУИ синоќа донесе одлука да ни ги обезбеди потписите и да ни ги даде затоа што како второрангирана партија бевме условени од претседателот Ѓорге Иванов да обезбедиме потписи за да ни биде даден мандатот. Сега се обезбедени потписите за добивање на мандатот. Јас верувам дека останува мал дел од преговорите околу формирањето влада поради тоа што најзначајните прашања, а тоа се идната владина програма, платформата на албанските политички партии, Законот за употреба јазиците се усогласени. Тоа беа суштинските разлики. Останува да седнеме со претседателите на другите партии да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на владата и верувам дека за некои 10-15 дена во Македонија ќе има нова влада предводена од СДСМ – рече Заев.
Извор: Мета