ДУИ ќе им ги даде потписите на СДСМ за добивање мандат но тоа не значи дека ќе коалицира во новата влада, изјави синојка портпаролот на партијата Бујар Османи за време на централното претседателство на ДУИ.
Османи рече дека ДУИ ги дава потписите за да се деблокираат некои процеси и да се запазат роковите за локалните избори бидејќи нивното одложување не е во интерес на граѓаните на Македонија.
- Сега само даваме поддршка за мандат да се деблокираат некои процеси, затоа што не е во интерес на државата локалните избори да се одложат. Но тоа не значи дека имаме договор за коалиција. Ако се одлучиме за учество во влада треба да се усогласат програмите. Има аргументи за и против двете опции и не можам да кажам дали доминира едната или другата опција но вечерва не очекувам да се донесе таква одлука. Давањето на потписи не значи договор за влада, туку значи започнување на процес на преговори за влада, доколку се одлучиме за партиципирање во владата, изјави Бујар Османи.
Претходно од ДУИ посочија дека разгледуваат две опции. Едната е ДУИ да биде дел од владината коалиција а втората опција е да даде поддршка за малцинска влада но партијата да биде во опозиција односно нивните партиски претставници да не бидат дел од извршната власт.