Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо уште еднаш ја покажа својата поддршка кон отпуштениот тренер на шампионот Лестер, Клаудио Раниери покрај јавното искажано жалење за одлуката на челниците на Лестер.

Португалецот се појави со маичка со иницијали К.Р. (Клаудио Раниери) на традиционалната прес конференција.

„Зборовите ми се испишани на мојата маичка. На овој начин јас се обидувам да го покажам своето почитување кон човекот кој ја напиша најубавата страница од историјата на Премиер лигата. Кон оној кој заслужува стадионот на тимот да го носи неговото име“, рече Специјалниот.

Покрај ова, менаџерот на Манчестер јунајтед јавно ги нападна играчите на Лестер Сити дека тие се виновни поради отказот на Раниери, бидејќи за кратко време го заборавиле шампионскиот сон и си ги кренале акциите преку барањата за енормно високи договори.

„Веројатно сезоната започнала со типичната себичност на другите, играчите мислат на нови договори, на повеќе пари, размислуваат да заминат и забораваат кој им помогнал да стигнат до одредено ниво” – додаде Мурињо.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2017 17:04