Централниот одбор на СДСМ на денешната седница едногласно го утврди претседателот на СДСМ за манадатар за состав на новата Влада на Република Македонија.

-Чест е, моја и на СДСМ, што по скоро 11 години режим, добиваме можност да ја формираме новата демократска Влада на Р.Македонија. Нашите цврсти определби се тоа да биде реформска Влада во којашто приоритет број еден се интересите на граѓаните на Македонија! Рековме дека секој граѓанин е во центарот на нашето внимание. Се определивме за квалитетен живот на сите граѓани, во едно, праведно и правично општество за сите и се што правевме досега во оваа фаза на обезбедување на парламентарното мнозинство, беше водејки се исклучиво од тој интерес на граѓаните, согласно Уставот на Р.Македонија, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Претседателот Заев, со неговото утврдување за мандатар за состав на новата Влада, доби поддршка и овластување од Централниот одбор да влезе во преговори за владината програма и за новиот владин состав.

-Следува период во којшто ќе се посветиме на поставување на квалитетна владина програма, што ќе ја реализираат одговорни политичари, кои ќе водат реални политики, така како што избраа граѓаните на Македонија. Презедовме обврски за живот за секој човек со Планот на живот. СДСМ носи живот за сите граѓани на Македонија, рече претседателот Заев пред членовите на Централниот одбор.

Претседателот Заев ги информираше членовите на ЦО на СДСМ, пратениците, претседателите на ОО, градоначалниците од редовите на СДСМ присутни на состанокот, за текот и содржината на разговорите со политички партии кои имаат добиено мандати во Собранието на Р.Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2017 18:26