Република Македонија ќе ги зајакнува капацитетите на вклучените институции во борбата против економскиот криминал, перењето пари и финансирањето тероризам. Проектот во вредност од 1.350 милиони евра, кој почнува денеска, е финансиски поддржан од Европската комисија и Советот на Европа, а главен носител е Управата за финансиско разузнавање.
Министерот за финансии Кирил Миноски на означувањето на почетокот на проектот истакна дека борбата против организираниот криминал и корупцијата е еден од главните приоритети што Македонија го има воспоставено како земја кандидат за членство во ЕУ. Според него воспоставувањето ефикасен систем против перење пари и финансирање тероризам подразбира примена на национални и интернационални мерки и редовен мониторинг на нивната примена при што е потребно секоја земја да изгради и развие соодветна законска регулатива, почитувајќи ги меѓународните стандарди.
– Ревидираните меѓународни стандарди поставија нова рамка за примена на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам врз основа на проценка на ризикот. Република Македонија е една од првите држави која изврши проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам на национално ниво. Од оваа активност во која учествуваа сите инволвирани институции во системот за спречување перење пари и финансирање тероризам, координирани од страна на Управата за финансико разузнавање, беше изготвен и усвоен Извештај за национална проценка на ризикот, истакна Миноски.
Тој порача дека меѓународната соработка, меѓусебната размена на податоци, размената на искуства на полето на превенција и детекција од перење пари и финансирање тероризам е главен фактор за изградба и воспоставување ефикасен и функционален систем.
Јаромир Левичек, шеф на операции од Делегацијата на ЕУ, потенцира дека борбата против организираниот криминал и перењето пари е особено значајна за овој регион и дека ова е едно од клучните барања за зачленување во ЕУ. – Не е без причина што во нашиот поврзан свет ваквите појави имаат негативно влијание врз другите земји. Брзиот раст на пазарите овозможуваат брзо патување на парите со што перењето на парите станува се посложено. За да успееме во борбата против перењето на парите мора заедно да работиме. Затоа го започнуваме овој проект и понатаму ќе ги поддржуваме вашите напори на ова поле, истакна Левичек.
Посочи дека генерирање легални профити и легализирање на нелегалните пари е причината за постоењето на организираниот криминал и оти најделотворниот начин е да се пресечат каналите на финансирање.
Според него борбата против перење пари е важна бидејќи таа спречува да влезат криминални пари во економските системи. Програмскиот координатор во Советот на Европа Моника Мартинез рече дека Република Македонија има направено значителен напредок во областа на спречување и борба против тероризмот и перењето пари и корупција.
– Освен веќе спроведената проценка на ризик како прв чекор во процесот, правната рамка е подобрена, вклучувајќи го и посебниот закон за борбата против перењето пари и финансирање тероризам, како и амандмани на Кривичниот законик. Меѓутоа, останува уште многу работи и СЕ и ЕУ остануваат подготвени да го поддржат овој проект, истакна Мартинез.
За директорката на Управата за финансиско разузнавање Ангела Атанасова очекувањата од проектот се големи. Смета дека може да придонесе кон хармонизација на целокупната законска регулатива за спречување перење пари со меѓународните стандарди, подготовка на сеопфатна национална стратегија за управување со ризиците од перење пари и финансирање тероризам, зајакнување на капцитетите на сите институции вклучени во системот, како и зајакната меѓуинституционална и меѓународна соработка.
– Новите меѓународни стандарди наметнуваат нов концепт на дејствување и бараат политики и мерки адекватни на ризикот, истакна Атанасова и додаде дека континуираната добра соработка е насочена кон обезбедување регулатива што ќе ги исполнува меѓународните стандарди и нејзина ефикасна имплементација.
Проектот се спроведува во рамки на програмата Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција на ЕУ и Советот на Европа. Целта на програмата е да го подобри спроведувањето на клучните препораки на релевантните органи за следење и советување на Советот на Европа.