Меморандум за разбирање меѓу Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Институтот за европски студии КАСС од Народна Република Кина е потпишан денеска во Скопје.

Со Меморандумот, се дефинира рамката за идна соработка меѓу двете институции, преку заеднички проекти, а ИГИНП се етаблира како рамноправен член на мрежата think-tank организации од Централна и Источна Европа во иницијативата „16+1“.

За време на работната посета на Република Македонија, делегацијата од Институтот за европски студии КАСС од НР Кина, предводена од Заменик-генералниот директор на кинескиот Институт, Луо Јингхуи, оствари средба со Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски.

По средбата, во Министерството се одржа и предавање на тема: “The Relations, Progress of the 16+1 Cooperation and the Belt and Road Initiatives of the Republic of Macedonia”, на кое се обратија претставникот од кинескиот Институт, г-динот Ченг Вејдонг и Директорот на ИГИНП, амбасадорот Абдулкадар Мемеди.

На предавањето присуствуваа претставници од други државни институции, од Македонската Академија на науките и уметностите, од неколку Универзитети, како и претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2017 14:53