Лидерот на СДДСМ, Зоран Заев му го достави на Претседателот Ѓорѓе Иванов доказот за обезбедено парламентарно мнозинство за формирање на влада.

Заев на Претседателот Иванов во вилата “Водно’ му достави потписи од 67 пратеници од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците.

Тој пред средбата во кратката изјави рече дека очекува Иванов да му го врачи мандатот за формирање на влада и им порача на граѓаните дека следува период на мирен трансфер на власта.

“Во рака држам 67 потписи на пратеници од македонското Собрание коишто гарантираат можност за нова Влада за граѓаните на Македонија.

Истовремено, овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред, во функција на враќање на животот во Македонија.

Денеска, очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија.

Истовремено, ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија.“ – изјави Заев по доставувањето на потписите.

На средбата кај Претседателот Иванов присуствуваа и потпретседателката Радмила Шекеринска и генерелниот секретар Оливер Спасовски.

Од кабинетот на Иванов информираа дека по доставувањето на доказот за обезбедено мнозинство се очекува Претсседателот да донесе одлука во наредните денови.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2017 14:59