Продажбата на билетите за трите нови линии почнува денеска, на wizzair.com, со цени од 1.799 денари. Сите резервации направени на која било од 27-те дестинации достапни од Скопје денеска до полноќ ќе бидат со специјален попуст од 20 проценти, со што „Виз ер“ одбележува превезени три милиони патници на нискотарифните линии до и од Македонија.
– Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови, значи повеќе работни места во Македонија и во „Виз ер“, но и кај нашите бизнис-партнери, и тоа дополнително ќе ги стимулира туристичките и угостителските индустрии и ќе ги зајакне бизнис-односите во Македонија, рече на промоцијата Овен Џонс, главен директор за корпоративни прашања на „Виз ер“.
Четвртиот авион што го најавуваат во базата во Скопје, според претставниците на авиокомпанијата, е натамошна инвестиција од дополнителни 99 милиони евра во Македонија и можност за отворање дополнителни директни работни места. Со тоа најавува дека вкупниот број директни вработувања на „Виз ер“ во Скопје ќе достигне 150.
Покрај новите воведени линии, летовите од Скопје до Ајндховен, Брисел-Шарлероа, Меминген (Минхен Запад) и Копенхаген ќе бидат со зголемени фреквенции до три летови неделно, додека конекциите од Скопје до Гетеборг Ландветер, Братислава и од Охрид до Базел-Милхаус-Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно. Воедно на летовите од Скопје до Малме и Милхаус ќе се сообраќа секој ден.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски истакна дека Владата постојано спроведува успешни политики за обезбедување широка мрежа на авиолинии, политики, кои, како што рече, денеска даваат конкретни резултати.
– Од 2012 година па досега преку финансиската поддршка што ја овозможуваме, вклучувајќи ги овие три линии што денеска ги промовираме, Визер воведе 28 линии до европски градови, превезувајќи повеќе од половина од патниците што летаат од македонските аеродроми. Очекувам оваа бројка дополнително да се зголемува со воведување овие дестинации, рече Мисајловски.
Минатата година, додаде, ја завршивме со рекордни 1,8 милиони патници што поминале низ двата аеродроми, во однос на бројот на дестинации исто така постигнавме рекордна бројка на преку триесетина достапни линии.
– Почетокот на оваа година навестува уште една добра година во авиосообраќајот со оглед на фактот дека имаме зголемување на бројот на патници од плус 12 проценти во однос на минатата година, имаме нови четири дестинации кои веќе се извесни дека ќе се воведат како и неколку други за кои преговараме и се надеваме дека во скоро време ќе се реализираат, посочи министерот за транспорт.
Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија, очекува голем интерес за новите авиолинии. – Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на Виз ер до Будимпешта, која ќе почне од 2-ри април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности, рече Ерсој.
„Виз ер“ опслужува 29 линии до 13 држави од двата македонски аеродрома во Скопје и во Охрид, вклучително и рутата од Скопје до Будимпешта што почнува во април.