Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не се додели мандатот за формирање нова влада на СДСМ ја продлабочува кризата.
– ДУИ го осудува обидот заедничката Декларација на албанските партии во Македонија да се оквалификува како платформа на туѓа држава. Ова, како и упорноста политичката криза да се префрли на интеретничка основа, може да доведе до катастрофална ситуација во државата, изјави синоќа за Алсат М портпаролот на ДУИ Бујар Османи. Платформата на албанските партии, посочи Османи, е автохтон документ кој што на ниеден начин не задира во унитарниот карактер на државата и претставува заокружување на отворените прашања од Рамковниот договор и унапредување на правата на Албанците, не засегајќи ги правата на другите етнички заедници.
Тој документ е потпишан во Тирана само затоа што е една албанска политичка партија не седнуваше на маса тука во Скопје, па мораше логистички да се поддржи од Тирана и Приштина. Но, текстот на таа изјава е сосема автохтона и не може да се нарече платформа на туѓа држава, рече Османи, потенцирајќи дека ДУИ го осудува обидот да се префрли една интеретничка криза на интеретнички план со голем потенцијал да има далекусежни последици во државата. Османи оцени дека одлуката Иванов да не го додели мандатот, е обид тој да ја префрли кризата на интеретнички план, и ја направил најлошата услуга на државата и оти длабоко ќе го зголеми јазот меѓу заедниците. – Сметам дека граѓаните нема да подлегнат на таквите влијанија и оти тоа нема да се одрази на соживотот. Меѓутоа, сепак ние стравуваме од влијанието на ваквите потези и на префрлување на кризата на меѓуетнички план со можни етнички и безбедносни ризици, изјави Османи.
Тој најави дека утре раководството на ДУИ ќе заседава за да разговара по однос на новите околности кои што се создадени и на Македонија, а според него сега е потребна брза и стабилна влада која што ќе овозможи нормализирање на економските и политичките функции на државата.