Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-ѓа Федерика Могерини, Висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија. На средбата беа разменети мислења за случувањата на политички план во Република Македонија, за европските перспективи на земјата, како и за мигрантската и бегалска криза. Македонскиот претседател оцени дека со status quo состојбата во европската интеграција, на Република Македонија и е попречено правото на просперитет и се овозможува зголемено влијание на други меѓународни актери. „ЕУ не смее да дозволи ова да продолжи и треба конечно да го идентификува Балканот за еден од нејзините највисоки приоритети. ЕУ треба да преземе итни чекори и да го зајакне интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен“, рече претседателот Иванов. Дополнително, македонскиот претседател истакна дека отворањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во овие клучни области и ќе ги заокружи напорите на ЕУ за надминување на политичката криза во Република Македонија. Во однос на последната негова одлука, Претседателот Иванов рече дека согласно Уставот, како мандатар за состав на Влада нема да го определи секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата. „Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава“, рече Претседателот Иванов. Македонскиот претседател посочи на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија. „Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот“, рече македонскиот претседател. Тој истакна дека ова може да биде негативен преседан што во иднина може да биде употребен и од други држави. Високиот претставник, г-ѓа Могерини истакна дека има целосно разбирање за комплексноста на состојбата и улогата на Претседателот Иванов во соочувањето со политичките предизвици. Посочи дека ги разбира правниот и политичкиот аспект, релевантни за надминување на политичката состојба и истакна дека е подготвена да помогне моменталната политичка криза да не прерасне во меѓуетничка, па дури и во геополитичка криза. Г-ѓа Могерини рече дека верува дека политичките фактори во Република Македонија можат да најдат излез од состојбата. Осврнувајќи се на изјавите за почитување на владеењето на правото во Република Македонија, Претседателот Иванов нагласи дека сме уморни од двојните стандарди, истакнувајќи дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата никој не ја почитува. Македонскиот Претседател ја нагласи и потребата од организирање на попис на населението во Република Македонија. Во однос на мигрантската и бегалска криза, Претседателот Иванов истакна дека е неопходно што побрзо завршување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија за да може, доколку е тоа потребно, да ја продолжи прогласената кризна состојба поради илегалната миграција.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2017 18:30