Годишново издание на оваа манифестација за отворена ја прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
- На Вечерите на Женски Права се прикажуваат документарни филмови од поновата регионална и светска продукција на различни теми поврзани со родовата проблематика и истите се проследени со дебати инспирирани од филмовите. Дополнително програмата е збогатена со меѓународна изложба на слики на тема „Супер хероини“, работилници за стрип, фотографија, раскажување и форум театар. Ова секако е настан кој ни нуди можност да го почувствуваме вистинското значење на овој празник, дава можност да размислуваме на еден покомплексен начин, различен од досегашниот. Културен настан кој вклучува уметност, поттикнува разни прашања и креативност и можност за размена на мислења. Нашата работа во иднина ќе биде насочена кон креирање на град, како средина за живеење и работа, во кој мажите и жените ќе имаат еднакви можности за остварување на својот личен, професионален, приватен, интимен, духовен и културен потенцијал.
Рамноправното учество на мажите и жените во семејството и во работниот живот заедно со рамноправното учество на мажите и жените во процесот на одлучување сметаме дека се предуслов и основа за развој на еден модерен град – кажа градоначалникот Трајановски.
По проекцијата на „Сибирска љубов“, пред присутните се обрати и режисерката на филмот, Олга Делане, а потоа дискутираше за значењето на филмот и нејзината инспирација за правење на истиот. Вечери на женски права (ВЖП) е настан кој традиционално се организира од 2010 година. Настанот, секоја година се одржува во Скопје, на различни локации како МКЦ, Кинотека на Македонија, Градско кино Милениум, Музеј на град Скопје и други.
Настанот „Вечери на женски права“ е резултат на соработка помеѓу Град Скопје, UN Women, Институт за родови студии при Филозофски факултет на „Универзитет Кирил и Методиј“ и „Унивeрзитет за Аудио-визуелни уметности – ЕСРА“, Скопје. Оваа година настанот е во организација на Центар за истражување и креирање политики – ЦИКП Скопје.