Утрото околу 4 часот оштетена е фасадата, влезната врата и еден прозорец од објектот на Националната установа Музеј на албанската азбука со седиште во Битола.
Од СВР Битола посочуваат дека настанот е регистриран и поставено е обезбедување на објектот со цел непречено да се изврши истрагата за овој случај.
Според првичните информации, утрово во 4 часот непознати лица фрлиле шишиња со запалива течност (Молотови коктели) и притоа ги оштетиле влезната врата и прозорецот на вториот кат од Музејот, како и спомен-плочата на Музејот.
Според директорот на Музејот Нуер Арслани вистинска среќа е што не е предизвикана поголема штета. – Јас го осудувам овој настан и вакви настани воопшто не ни се потребни. Очекувам надлежните институции да ги откријат сторителите, изјави Арслани.
Повеќе детали околу истрагата ќе бидат соопштени по добивањето на конкретни информации, потврди Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.