Германската Влада за сериозни ги смета тајните документи на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), што завчера ги објави Викиликс.

Според официјален Берлин, се уште не може да ја утврди автентичноста на документите што откриваат дека голем дел од своите хакерски активности ЦИА ги спроведувала преку својата канцеларија во Франкфурт, јавуваат германските медиуми, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Германското Министерство за надворешни работи денеска објави дека Владата во Берлин е во блиска комуникација со американските власти во врска со ова прашање.

Според документите што ги објави организацијата, која од конзулатот на Еквадор во Лондон ја раководи Џулијан Асанж, ЦИА своите активности делумно ги спроведувала преку американскиот конзулат во Франкфурт, а на луѓето што работеле како хакери за потребите на тајната служба им биле издавани легални дипломатски пасоши со кои тие патувале и го регулирале својот престој во Германија.

Во Германскиот Бундестаг се уште се води истрага за улогата на германските тајни служби во помагањеро на американската Национална безбедносна агенција (НСА) за чија сметка германски оперативци шпионирале политички и бизнис цели низ Европската Унија и во Германија. Во истрагата, што ја води специјална комисија во германскиот Парламент, пред две недели сведочеше и канцеларката Ангела Меркел. Доколку се утврди дека и во овој случај германските тајни служби знаеле или им асистирале на своите американски колеги дел од медиумите очекуваат највисоките германски власти да преземат политичка одговорност.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2017 18:11