На пет пациенти првпат во Македонија и на Балканот во лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во рамки на Специјалната болница „Филип Втори“ им е анализиран целиот ген со што однапред им се откриени потенцијалните ризици за развивање болести, како што се рак, срцеви заболувања, дијабетес, уште пред да се појават нивните први симптоми. Утврден е и нивниот одговор на стрес, одредени лекови, исхрана...

Ова денеска го истакна Горан Кунгуловски од компанијата Био инжинеринг Доо, кој е раководител на лабораторијата. Посочи дека целата постапка чини 2.800 евра.

Тој на прес-конференција во болницата истакна дека првпат е направено секвенционирање на целосен човечки геном во Македонија и на Балканот. Нагласи дека не анализирале само геноми, туку и егзоми (дел од геномот кој е медицински најрелевантен и опфаќа само далови од гените кои кодираат за протеини).

- Секвенционирањето целосни геноми и егзоми е првиот чекор кон еден нов пристап во медицината кој се вика персонализирана медицина. За разлика од стандардната медицина која е реактивна, овој пристап е проактивен, односно однапред се откриваат потенцијалните ризици за развивање болести, рече Кунгуловски.

Иван Кунгуловски, управител и сопственик на компанијата, рече дека нивна интенција е во наредните неколку години да почнат проекти што ќе се викаат „1000 македонски геноми“ и „Геном за секое новородено бебе“, со што, како што истакна, персонализираната медицина ќе стане достапна за сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2017 18:26