Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави вечерва дека тензиите и поделбите во Западен Балкан „излегле од контрола“ и дека тоа делумно е поради „нездравото надворешно влијание“, порачувајќи дека тој регион е од витално значење за Европа.

Туск, на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, нагласи дека ќе предложи да се преземат акции, вклучително и правење на стратегија.

- За земјите од Западен Балкан пораката е јасна: ЕУ останува верна на ветувањата што ги даде во Солун и во целост е посветена на стабилноста и просперитетот на регионот, истакна Туск на состанокот.

Тој исто така, ја повика Полска да не ги „руши мостовите“ со ЕУ и изјави дека ќе направи се што е можно да се заштити полската Влада од политичката изолација во Унијата.

Владата на Полска одби официјално да ја поддржи завршната декларација на лидерите на Европската унија од самитот во Брисел, јави ДПА.

Така Варшава го изрази незадоволство од реизборот на Доналд Туск за претседател на Европскиот совет. Полјакот Доналд Туск денеска беше реизбран за претседател на Европскиот совет и покрај противењата на неговата родна земја.

Туск е реизбран за претседател на Европскиот совет со мандат од две ипол години на денеска започнатиот дводневен самит на Европската унија во Брисел. / МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2017 15:32