АД ЕЛЕМ ќе увезе 32.710 мегават-часови електрична енергија во период од 11 март до 30 април годинава по просечна цена од 36,4 евра, информираат од компанијата.
Увозот, како што нагласуваат, следи по избраните најповолни понуди за набавка на електрична енергија на аукцијата од 7 март годинава на која учествуваа девет економски оператори.
- Во согласност со спроведениот јавен оглас за набавка на електрична енергија од 7 март годинава, АД ЕЛЕМ ќе набави електрична енергија по просечна цена од 36,4 евра. Оваа цена е според очекувањата на „Електрани на Македонија“ и е пониска од моменталната производствена маргина на компанијата, соопшти АД ЕЛЕМ.
Со оваа набавка, се додава во соопштението, ќе се создадат одлични предуслови АД ЕЛЕМ да ги продава вишоците на произведената електрична енергија и да додаде вредност на сопствениот производ во периоди кога берзанската цена ќе биде повисока.
- Во периодот што следува АД „Електрани на Македонија“ ќе ја следи и анализира ситуацијата на пазарот, а со цел оптимизација на сопственото производство. Компанијата ќе носи одлуки кои ќе бидат во согласност со потребите на граѓаните, а истовремено ќе обезбеди и поголема додадена вредност на крајниот производ и зголемен приход, потенцираат од АД ЕЛЕМ.