Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска ја осуди одлуката на холандската Влада, која ја повлече дозволата за слетување на територијата на земјата на авионот со кој турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу требаше да пристигне на митинг во Ротердам, изјавувајќи дека Холанѓаните се „остатоци од нацистите и фашисти“.

Како што јави ТАСС, Еродган се закани дека Анкара соодветно ќе одговори на одлуката на Холандија.

– Ќе видам како по ова холандски авиони ќе летаат во Турција. И тоа мислам на дипломатите, а не на обичните граѓани, рече Ердоган. Чавушоглу утрово најави дека денеска ќе отпатува за Ротердам за да учествува на митинг на припадниците на тамошната турска заедница во пресрет на уставниот референдум во Турција, иако ротердамскиот градоначалник Ахмед Абуталеб ја забрани неговата посета.

– Денеска одам за Ротердам. Ќе и воведеме строги санкции на Холандија, ако ја спречи посетата, изјави Чавушоглу.

По ова холандската Влада ја повлече дозволата за слетување во земјата на авионот на Чавушоглу, образложувајќи ја одлуката со ставот дека стравува оти престојот на турскиот министер во Ротердам би можел да ги „загрози јавниот ред и безбедност“.

Во врска со најавата на Чавушоглу за „строги санкции“, холандската Влада оцени дека „овие закани го прават невозможно изнаоѓањето решение за проблемот“.

Чавушоглу во Ротедрам требаше да се обрати на митинг на припадниците на турската заедница, организран од властите во Анкара со цел да ги поттикнат Турците во Холандија да гласаат на референдумот за промена на Уставот на Турција, со што треба да се зголемуваат надлежностите на шефот на државата.

Забраната на Берлин за учество на двајца турски министри на слични митинзи во Германија за поддршка на уставните измени, доведе до сериозно влошување на германско-турските односи.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2017 18:34