По денешната средба на премиерот на Албанија Еди Рама со министрите од редовите на Социјалистичката партија и партиските кординатори на дванаесете околии, потврдено е заминувањето на уште тројца министри, јави дописникот на МИА од Тирана.
Така, освен првиот полицаец Саимир Тахири, заминуваат и Илир Беќја,министер за здравство, Бледи Чучи, за локална самоуправа и национален координатор за антикорупција и Бленди Клоси, министер за социјални работи.
Спорад партиските образложенија, министерите ќе бидат задолжени за кампањата за јунските парламентарни избори и тоа Тахири за околијата Тирана, Клоси за околија Берат, Чучи за Ѓирокастро и Беќај за околиите Кукс и Тропоја.
Експресно на веста за заминувањето на министрите реагираше лидерот на опозициските демократи, Љуљзим Баша, нарекувајќи ги „грозна карикатура“
– Она што се случува неколку метри подалеку од нас е една грозна карикатура на самонаречената Преродба. Тој изгради опасен сојуз. Тоа е сојуз меѓу политиката и криминалот. Ова е криминалот на оваа партија, изјави Баша посочувајќи дека не е задача на Рама да ја наполни својата канцеларија со „ќупови од кал“.
Опозицијата, која веќе 23 дена протестира пред Владата во Тирана, синоќа заминувањето на Тахири и најавите за нови смени го одбележа со оро и песна, во знак на „почетокот на крајот на криминалната Влада“.