Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ја избриша винарската визба „ Повардарие“ АД Неготино од Регистарот на производители на вино поради неисполнување на обврските од Законот за виното, односно неисплатената рата за откупеното грозје.

Како што соопшти МЗШВ, според законските одредби, откупувачот на грозје може да го плати износот на три рати. Првата во висина од најмалку 20 отсто треба да се исплати најдоцна до 15 декември во годината кога е извршен откупот, втората рата во висина од најмалку 40 проценти најдоцна до 15 февруари и третата најдоцна до 30 април следната година од годината во која е извршен откупот.

– Врз основа на доставените извештаи од винарските визби и од Записникот за извршен инспекциски надзор на Државниот инспекторат за земјоделство, МЗШВ утврди дека Повардарие АД Неготино, до 15.02.2017 година ја нема подмирено во целост втората рата за исплата на грозјето од реколта 2016, наведува Министерството.

Доколку се исплатат обврските и доколку производителот на вино побара повторно да биде впишан во Регистарот на производители, ќе треба да плати казна во висина од 15 отсто од неисплатениот долг и казнена камата кон лозарите за неисплатената рата.

– „Повардарие“ во моментов може да го продава виното, но финансиските средства остварени од продажбата на извезеното вино, мора да ги употреби првенствено за исплата на долгови по основ на купено, а неплатено грозје, односно само за исплата на долгот кон лозарите, објаснува Министерството за земјоделство.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2017 17:35